Аферата со уништувањето на податоци ја намали популарноста на партијата ОВП на Курц

Аферата околу уништувањето податоци од сметките на поранешниот канцелар Себестијан Курц и неговите партиски колеги од тогашната влада се одрази, иако засега само благо, врз популарноста на неговата Народна партија на Австрија(ОВП).

Според истражувањата на јавното мнение, ОВП во моментов би освоила 36 отсто од гласовите, што е еден отсто помалку од претходната недела.

Анкетата, што ја објави виенскиот весник „Естерајх”,  говори дека оваа партија се уште е со големи 14 отсто гласови пред второпласираната Социјалдемократска партија (СПО), која на евентуални избори сега би освоила 22 отсто од гласовите.

На третата позиција е Слободарската партија (ФПО), која пополека заздравува од кризата заради аферата на нејзиниот поранешен лидер Хајнц-Кристијан Штрахе.

Слободарците во овој момент можат да сметаат на поддршката од 20 отсто од електоратот, што е за еден отсто повеќе отколку претходната недела.

Зелените во моментот имаат 12 отсто поддршка, а Неос седум отсто гласови од избирачите.

Листата „Јетц”, која е актуелна во парламентот, би освоила само еден отсто од гласовите, со што не го минува цензусот.

Доколку би имало можност за директен избор, канцеларот Курц и натаму убедливо води со 45 отсто поддршка, иако изминатата недела загубил еден отсто од популарноста. На второ место е новиот лидер на ФПО Норберт Хофер со 20 отсто, а трета е шефицата на СПО Памела Ренди Вагнер со 17 отсто подршка.

Треба да знаете
Последни објави