Ердоган до САД: Ако не ни дадете авиони Ф-35, ќе мора да се обратиме на друго место

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рече дека Турција ќе се сврти кон друга страна во однос на набавка на борбени авиони, доколку САД ја откажат продажбата на ловците Ф-35.

Како што пренесува грчкиот весник „Катимерини“, Ердоган пред членовите на неговата партија (Партија за правда и развој – АКП) рекол одлуката на Вашингтон да ја исклучи Анкара од програмата за развој на овој тип авиони, нема да ја спречи Турција да ги оствари своите потреби во военото воздухопловство.

САД објавија дека ќе ја исклучат Турција од програмата за Ф-35, откако Анкара набави руски ракетен одбранбен систем С-400, што за Вашингтон претставува закана.

Американските власти, исто така, се заканија дека ќе воведат санкции за Турција, а официјална Анкара ги отфрли ваквите предупредувања.

Ердоган рече дека се надева оти американските официјални претставници ќе бидат разумни во врска со санкциите, додавајќи дека Турција исто така би можела да ја преиспита својата одлука за купување на нови „боинг“ авиони од САД.

„Нема да ни дадат Ф-35? Во ред, тогаш извинете, но ќе треба да преземеме акција по ова прашање и да се обратиме на друго место“, порача Ердоган.

Треба да знаете
Последни објави