Реновиран објектот на ПО Групчин, подобрена ефикасноста на СВР Тетово

„Кога го преземав МВР во 2017 година еден од приоритетите беше подобрување на условите за работа на полициските службеници затоа што подобрите услови носат и подобри резултати во работата, односно поголема безбедност за граѓаните. Затекнавме објекти во кои не било интревенирано и по четири децении. Сега, во 2019 година можеме со гордост да кажеме дека најголем дел од објектите ги саниравме и реновиравме и тоа со средства на МВР, а до крајот на годината очекувам да се завршат и објектите кои се наоѓаат во планот за реновирање“ рече министерот Оливер Спасовски по денешната посета на Полициското одделение Групчин, каде заврши реновирањето на објектот на полициското одделение.

Додека другите објекти се реновирани со средства на МВР, карактеристично за објектот во Групчин е што е реновиран со донации на жителите, кои придонесоа  еден објект после четиридецениско егзистирање сега да биде комплетно инфраструктурно и градежно саниран. Целосно подновена е надворешноста на објектот со нова фасада. Поставени се нови подови во просториите, нови врати и прозорци, поставено е и надворешно осветлување на објектот, а соодветно решени се и сите надворешни инсталации, а уреден е и дворот пред објектот, со нови бекатонски патеки и зеленило.

„Денеска со полициските службеници од ПО Групчин разговаравме и за тековното работење, со цел остварување на што поквалитетни резултати во заштитата, безбедноста и сигурноста на граѓаните и нивните материјални добра. Навистина радува фактот што СВР Тетово, во чија што организациона поставеност припаѓа и полициското одделение Групчин бележи повеќе од добри резултати во работењето“, рече Спасовски.

Во изминатите шест месеци од годинава на подрачјето на СВР Тетово значително подобрена е ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела или искажано во проценти таа изнесува 71 процент, во делот на т.н класичен криминал каде предничат имотните деликти, а исто така зголемен е и бројот на расветлените дела од областа на недозволена трговија со дрога за 72 проценти. Во сферата на јавниот ред и мир годинава се бележи намалување на евидентираните прекршоци за 25 проценти, а евидентиран е позитивен тренд и во областа на сообраќајната безбедност, каде е присутно намалување на бројот на сообраќајните несреќи за 18 проценти, споредбено со истиот период лани.

 

 

Треба да знаете
Последни објави