Тунижани денеска се збогуваа со нивниот прв демократски избран претседател, Бежи Каид Есебси. На погребот присуствуваа лидерите на Франција, Шпанија, Катар, Алжир и други земји.
Есебси почина пред два дена, на 92-годишна возраст, речиси пет години откако ја презеде претседателската функција. По неговиот избор, во декември 2014 година, тој постепено Тунис го однесе кон демократија, особено по бунтот што во 2011 година од власта го симна долгогодишниот авторитарен претседател Зин ал Абидин Бен Али и посебно настаните од Арапската пролет.
Ковчегот со телото на Есебси, украсен со државното знаме, беше изложен во сала во претседателската палата во главниот град Тунис, каде блиските и високите чиновници се собара да му одадат последна почит. Некои од присутните одржаа и кратки говори во спомен на починатиот претседател, по што ковчегот беше качен на воен камион.
Погребната процесија беше следена со гардисти на коњи. По целиот пат до гробиштата беа разместени припадници на безбедносните сили. За време на самиот погреб над нив прелетаа воени хеликоптери.