Двесто играчи ќе се борат овој викенд во Њујорк во завршницата на светското првенство во видео-играта Фортнајт на стадионот „Артур Еш“, каде што се одржува тенискиот Гренд Слем турнир УС Опен. Наградниот фонд изнесува 30 милиони долари.
Сите играчи на најпопуларната видео игра во светот се млади, најголем дел малолетници, а на секој од нив пред почетокот на финалниот турнир му е загарантирана награда од 50.000 долари. Тоа е ситница во споредба со наградата за победникот кој ќе биде побогат за 3 милиони долари, речиси како и победникот на УС Опен (3.8 милиони долари).
Фаворити за првото место се Австријците Клаус Констанцер- „Stompy” и Томас Хор- „Tschinken”, како и Американецот Тарнер Тини- „Tfue”.
Според CNN, компјутерска игра која го збудали светот и која во моментов ја играат повеќе од 250 милиони играчи од целиот свет, губи популарност. Затоа студиото Epic Games, кое се уште заработува 200 милиони долари месечно, одлучи да потроши 100 милиони долари за награди и организирање на викендот во Њујорк, во обид да создаде нова “возбуда” околу Фортнајт.