По изјавата за медиумите на министерот без портфељ во српската Влада, Ненад Поповиќ, во која оцени дека „Бриселскиот договор е мртов и дека Србија нема повеќе евроинтеграции”, со рекција- писмена изјава веднаш се јави премиерката Ана Брнабиќ, кој порача дека „секој министар кој не ја спроведува владината политика е слободен да ја напушти Владата.”
Министерот Поповиќ, лидер на Српската народна партија (СНП), кој е познат по својата изразито проруска политика, во писмената изјава оцени дека по „фарсата со терористот Рамуш Харадинај пред Специјалниот суд во Хаг и новите осуди дека сме геноциден народ…”, Србија мора уште повеќе економски и воено да се консолидира и јакнее, потпирајќи се на своите сојузници Русија и Кина.
По оваа оценка на Поповиќ, за неколку часа реагираше премиерката Ана Брнабиќ со писмена изјава, во која се наведува дека тој не е надлежен „ниту за Бриселскиот договор и оценките за него, ниту за европските интеграции во српската Влада, со што министерот Поповиќ изнел став директно спротивен на Владата, чиј член е.”
„Тој неможе да дава вакви изјави во име на владата. Секој министер е должен да ја спроведува заедничката договорена политика на владата, а тие кои не се во состојба тоа да го прават се слободни да ја напуштат”, се наведува во писмената изјава на премиерката Брнабиќ.
Таа воедно потсетува, дека „првата реченица во усвоената програма на владата е дека ЕУ е стратешки приотитет и цел на Србија, што е недвосмислена политика на Владата, која никогаш не била доведувана во прашање”