Министерот за култура Хусни Исмаили вчера присуствуваше на свеченото отворање на 19-тото издание на Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, Црна Гора.
На церемонијата на отворање освен домаќинот, претседателот на општината Улцињ, Љоро Нрекиќ, присуствуваа и министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ и министерот за туризам и животна средина на Албанија, Бледи Коси.
Во своето обраќање пред присутните гости министерот Исмаили истакна дека овој саем е одлична можност издавачите, авторите и сите учесници на едно место да им ја претстават својата издавачка и творечка дејност на граѓаните на Улцињ, но и на бројните туристи кои го посетуваат овој град во летниот период.
– За да се организира безмалку две децении Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, значи да се изгради летен културен идентитет на градот кој претставува инспирација за уметниците. Ова е Балканот без граници или европскиот Балкан, за кој сонуваме. Доколку географијата и историјата нè делат, културата е таа што ги надминува границите, затоа што јазикот на културата е надвор од географските, политичките, етничките и верските разлики, рече во своето обраќање Исмаили.
Тој додаде дека образованието и книгата се инвестиција за иднината, а за да се создаде една книга значи да се пренесе пораката на авторот, еден фрагмент од неговата душа и енергија која никогаш не згаснува.
Специјални гости на Меѓународниот саем на книгата во Улцињ каде годинава учествуваат 50 издавачи од сите земји во регионот се писателите Балша Брковиќ и Фатос Конголи.
19-от саем на книгата во Улцињ кој се реализира со поддршка на Министерството за култура на Црна Гора, Центарот за култура од Улцињ во соработка со Општината и Туристичката организација од овој град , како и со Институтот за книга од Тирана, ќе трае до 31 јули.