Сириски новинар објави фотографија на која се гледа како петгодишно девојче ја држи својата седуммесечна сестра за маица обидувајќи се да ја спаси во урнатините кои останале од зградата во која живееле, по бомбардирањето од страна на сириската војска во Идлиб, пренесува Би-би-си.
Таткото на девојчињата се наоѓал на неколку метри од нив.
Башар ал Шеих е новинарот од SY24 кој се нашол на самото место. Од телевизијата за Би-би-си рекле дека Башар прво не можел да види ништо од прашината која се кренала, само слушнал лелекање на маж и детски плач. Кога видел што е случува притрчал и тој да помогне.
Во северозападна Сирија во изминатите 10 дена биле убиени повеќе од 100 луѓе, меѓу кои и 26 деца, во воздушните напади врз болници, училишта, пазари и пекари, соопшти шефицата за човекови права во ОН, Мишел Бачелет.
Таа за нападите во подрачјата кои се под контрола на бунтовниците ја обвини владата и нејзините сојузници.
„Нападите се случиле со очигледна меѓународна рамнодушност. Тоа се цивилни мети и не е баш веројатно дека сите се погодени случајно со оглед на тоа дека постои доследен образец во таквите напади“, рекла таа.
Сирија и нејзиниот сојузник Русија негираа дека воздушните напади врз цивили во регионот Идлиб се таргетирани, објави Би-би-си.