Видеото за песната „Боемска рапсодија” на групата „Квин“ на Јутјуб достигна гледаност од над една милијарда и на тој начин стана новиот рекордер, односно стана првиот спот постар од 1990 година кој ја поминал оваа бројка. Видеото е објавено на Јутјуб во 2008 година.
„Фактот дека нашата музика и понатаму има толку големо влијание е неверојатно и ние ви благодариме за тоа“, објавија членовите на „Квин“ на официјалната „Фејсбук“ страница, а на фановите им подарија нова HD верзија на видеото.
Спотот за „Боемска рапсодија“ беше премиерно прикажан на 20 ноември 1975 година во емисијата „Top Of The Pops“ и генерално се смета за прв промотивен музички видеоспот. Инспириран е од корицата на албумот „Queen II“, а е во режија на Брус Гуерс. Снимањето траело само три часа.
Со истото име лани премиерно беше прикажан филмот за животот на пејачот на „Квин“, Фреди Меркјури. Очигледноо филмот има голем удел за гледаноста на спотот на Јутјуб, а филмот ја доближи музиката на „Квин“ до новите генерации.