Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај истакна денеска дека побарал од Уставниот суд толкување на неговата оставка, која ја поднесе на 19 јули, како и за идното функционирање на Владата до одржување на предвремените парламентарни избори.
Тој на својот Фејсбук профил напиша дека целта на неговото барање до Судот е да добие објаснување за правната ситуација, создадена во нови околности.
Харадинај смета дека тоа е негова одговорност, со цел до следните избори Владата да функционира согласно уставната и правната рамка.
Истовремено, тој го повика косовскиот претседател Хашим Тачи, Парламентот и политичките партии да ги преземат сите активности, кои се потребни за одржување вонредни парламентарни избори.
Предвремените парламентарни избори во Косово би можеле да се одржат на 8 септември, објави претходно локална телевизија.
Харадинај поднесе неотповиклива оставка, бидејќи беше повикан да се појави во Хаг пред Специјалниот суд за воени злосторства во периодот 1998/2000 година на поранешна ОВК.