Харадинај ги повика на консултации Весели и Лимај

Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, кој го чека толкувањето на Уставниот суд за статусот на Владата по оставката која ја поднесе, ги повика утре на консултации лидерите на партиите од владејачката ПАН коалиција.

На прашањето за што ќе се разговара на средбата, тој иронично одговорил дека тема ќе биде „глобалното затоплување”.

Харадинај додаде дека на консултации ги повикал претседателите на ДПК и на НИСМЕ, Кадри Весели и Фатмир Лимај.

Тој претходно денеска побара од Уставниот суд толкување на неговата оставка, која ја поднесе на 19 јули, како и за идното функционирање на Владата до одржување на предвремените парламентарни избори. На својот Фејсбук профил напиша дека целта на неговото барање до Судот е да добие објаснување за правната ситуација, создадена во нови околности.

Харадинај смета дека тоа е негова одговорност, со цел до следните избори Владата да функционира согласно уставната и правната рамка.

Истовремено, тој го повика косовскиот претседател Хашим Тачи, Парламентот и политичките партии да ги преземат сите активности, кои се потребни за одржување вонредни парламентарни избори.

Поранешниот косовски премиер истакна дека негов интерес не е да остане во Владата по оставката, сметајќи дека тоа прашање сепак треба да го разјасни Уставниот суд.

Харадинај, кој на 19 јули поднесе неотповиклива оставка, демантираше на прес-конференција дека неговиот потег бил „политичка калкулација”, туку тоа го направил за да ја „спаси државата”.

Треба да знаете
Последни објави