Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека новите акциони планови на Турција за прашања поврзани со миграцијата се насочени само кон спречување нелегална миграција, објави весникот „Хуриет Дејли Њуз”.
– Овие прашања се однесуваат само на нерегуларна и нелегална миграција. Не може да се работи и недозволиво е да се депортираат Сиријци кои се под привремена заштита, странци кои добиле статус на меѓународна заштита или лица кои имаат дозволи за престој, рече Сојлу по вчерашната посета на центарот за обезбедување привремено засолниште во Кахраманмараш во јужна Турција.
Тој информира дека од почетокот на годината во Турција се задржани повеќе од 165.000 илегални мигранти и оти оваа бројка се очекува да надмине 300.000 луѓе до крајот на годинава. Сојлу додаде дека во Турција во 2018 година се задржани 268.000 нелегални мигранти.
Тој повтори дека мигрантите кои имаат привремено засолниште, треба да се сместат во градовите каде што биле официјално регистрирани.
Истанбулските локални власти претходно соопштија дека бегалците, кои престојуваат во Истанбул, и покрај тоа што не биле регистрирани таму, ќе бидат префрлени во кампови ако не ја напуштат областа до 20 август.
Според Сојлу, во некои области во Истанбул, не се дозволува регистрација на бегалци и се дозволуваат исклучоци само поради хуманитарни причини поврзани со лекување или образование.