Основната цел на нашата политиката за заштита на потрошувачите е унапредување и заштитата на правата на потрошувачите преку подобрување на законодавството, подобра информираност и едукација на потрошувачите, остварување на правото за спогодбено решавање на споровите како и зајакнување на соработката помеѓу институциите. Министерството за економија како надлежно министерство за заштита на потрошувачите ги следи политиките на Европската унија и предложи мерки и инструменти во Програмата за заштита на потрошувачите за периодот 2019–2020 година со кои се опфатени поголем број институции кои покрај ресорното министерство даваат поддршка на граѓанските организации за информирање, едукација, советување и алтернативно решавање на спорови со потрошувачите, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на денешното доделување на сертификатот „Фер со потрошувачот.
Вкупно 45 компании денеска добија сертификат „Фер за потрошувачот“ за компании со јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, со фер пазарни практики и спогодбено решавање поплаки и спорови, како и кои ја штитат приватноста на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.
На овој начин, како што потенцираше Бектеши, Министерството ги спроведува своите законски надлежности, а тоа е јакнење на граѓанските организации да ги штитат правата на потрошувачите.
„Во насока на поддршка на политиката за јакнење на конкурентноста, Министерството за економија преку Програмата за конкурентност иновации и претприемништво, издвои средства за поддршка на компаниите за воведување на сертификатот „Фер со потрошувачот“, развиен со финансиска поддршка од ЕУ преку Проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор .На овој начин ја подджуваме одржливоста на моделот за соработка меѓу граѓанскиот и бизнис секторот, кој се заснова на потребата за поттикнување и поддршка на бизнисите за подобрување на односот кон потрошувачите и јакнење на конкурентноста на компаниите. Со сертификацијата граѓанските организации влијаат препријатијата да воведат практики за подобро почитување на правата на потрошувачите, преку доброволно прифаќање на Кодекс за фер-однос кон потрошувачите и Онлајн процедура за алтернативно решавање на споровите со потрошувачите од страна на претпријатијата“ истакна Бектеши.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова, исатакна дека сертификацијата означува дека компаниите се грижат за производите, за услугите, дека имаат фер практики кон потрошувачите, односно дека се грижат потрошувачите да бидат задоволни, а исто така дека обрнуваат внимание на производите да не бидат штетни за животната средина.
„Денес завршуваме еден циклус на сертификација и почнуваме нов, во кој и други компании ќе ни се придружат заеднички да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи преку примена на фер практики“ истакна Лончар-Велкова.
Сертификатот се издава од сертификациско тело кое е креирано од трите организации (Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит) со повеќегодишно искуство при заштита на потрошувачите и унапредување на конкурентноста на македонската економија.
Цената за сертификација е формирана според големината на компанијата. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво надоместува 50 отсто од трошоците за сертификација на за мали и средни претпријатија.