Судот во Киев го конфискуваше рускиот танкер, кој беше задржан во пристаништето Измаил на 25 јули, изјави денеска главниот воен обвинител Анатолиј Матиос.
– По разгледувањето на соодветното барање, Судот го заплени спомнатиот брод и документите конфискувани за време на претресот, соопшти Матиос на Фајсбук. Тој тврди дека истражните работи на овој брод без дозвола на рускиот конзул биле легални.
– Согласно важечките меѓународните договори, ратификувани од Русија и Украина, нема потреба за добивање согласност или дозвола од претставници на дипломатска мисија или конзуларно претставништво на странска држава за спроведување истражни работи на морски или речен брод на украинска територија. Тоа го направивме легално, истакна тој.
Службата за безбедност на Украина и Канцеларијата на воениот обвинител на 25 јули го задржа танкерот „Ника Спирит” со десет членови екипаж во пристаништето Измаил, во областа Одеса. Украина тврди дека претходно се викал „Нејма” и оти учествувал во блокирањето на украинските воени бродови за време на инцидентот во Керчанскиот теснец.