Лидерот на Демократската партја на Косово (ПДК) и претседател на Собранието на Косово Кадри Весели ја одби поканата на премиерот во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај за средба на лидерите на партиите од владината коалиција и порача дека неговата партија се подготвува за предвремени избори, јави дописникот на МИА од Приштина.
На синоќешната седница на партиското Претседателство, Весели порача дека нема намера да оди на „средби кои ги свикува било кој”.
– Ние одиме на избори со верба дека граѓаните заслужуваат подобро. Не се приоритет за ПДК средбите кои ги свикува било кој, рече Весели.
Тој изјави дека има две можности за свикување избори: состанок на политичките партии кај претседателот на државата и одлуката на Собранието за самораспуштање, што, според Весели, е побрзата опција.
Собранискиот спикер најави дека ќе покрене иницијатива, согласно неговите уставни надлежности, за свикување седница на Собранието, со цел да се донесе одлука, со двотретинско мнозинство, за негово самораспуштање.
– Време е за донесување одлуки. Ги повикувам моите колеги од политичките партии да се собереме во Собранието и да се договориме за датумот, да го самораспуштиме Собранието и да одиме на избори. Ова е најдоброто решение, рече Весели.
Премиерот во оставка Харадинај вчера ги повика лидерите од владејачката коалиција, Весели, Фатмир Лимај од Социјалдемократската инцијатива (Нисма) и Беџет Пацоли од Алијансата ново Косово (АКР) на средба за решавање на отворените прашања меѓу нив, односно, како што рече, на разговор „за глобалното затоплување”.