ВМРО-ДПМНЕ 11 години го кочеше напредокот, ги кочеше реформите, а сега исто како и порано повторно е во обид да го направи истото, обвини пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.
Цели 11 години ВМРО-ДПМНЕ не успеа да организира попис, а дури и оној што го започна го прекина заради политички калкулации. Меѓу другото, потроши над 3 милиони евра пари на граѓаните. Поради ВМРО-ДПМНЕ, Република Северна Македонија е единствената држава во Европа која нема организирано попис повеќе од 16 години. Денес, со барањето за одлагање на пописот, ВМРО-ДПМНЕ сака нашата држава да остане единствена држава во Европа која не спровела значајна статистичка операција како што е пописот. Пописот беше најавен уште минатата година, а 2020 година е годината кога би требало да се реализира согласно меѓународните препораки, вели Костадинов.
Според него, за разлика од пропаднатиот попис во 2011, сега целокупната подготовка за организирање на пописот е професионална и транспарентна, по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат.
-Пописот не е политичка, туку значајна техничка операција, важна за граѓаните и државата. Пописот е значен за добивање на детални податоци кои се особено важни за натамошното креирање на политики и мерки на локално, регионално и централно ниво. Тоа е важно за напредокот и реформите, важно за граѓаните и за државата. ВМРО-ДПМНЕ мора да престане да ги кочи процесите битни за државата и граѓаните. Мора да престане да го кочи одржувањето на пописот. Република Северна Македонија не смее повеќе да дозволи да биде единствената земја во Европа без спроведен попис, рече Костадинов.