Заев најави повеќе средства за правосудство

Тенденцијата на надлежните органи е да се обезбедат повеќе средства од државната каса за правосудството, изјави премиерот Зоран Заев на денешното отворање на Ургентниот центар во Куманово, одговарајќи на новинарско прашање колку е моќна државата да одвои средства од Буџетот за да обезбеди финансиска независност на државното обвинителство.

– Зборуваме генерално за правосудството кога разговараме за финансии заедно со судско-буџетскиот совет што го покрива и обвинителскиот совет. Тенденцијата која што сега се бара согласно со капацитетите, е да пораснеме колку што е можно повеќе од 0,37 проценти од БДП и сакаме да стигнеме до 0,5 проценти. Тоа се огромни пари и тие ќе овозможат дополнителна независност и дополнителен квалитет на правосудството, вклучително половина за обвинителството, а половина за судството во државата. Ако има доволно пари да обезбедат обвинителството да не должи пари за вештачење, да имаат независни експертизи, да ги оформат истражувачките центри, да ги доекипираат стручните служби, а административните да се доекипраат со доволно обвинители, верувам дека тоа ќе биде помоќно, посилно понезависно и уште поправично во делот на процесуирање на предметите, истото важи и за судството, така што ќе стегнеме заби и дополнително ќе определиме средства, изјави премиерот Заев.

Тој истакна дека сега тоа е возможно, бидејќи државата е во просперитет и прогрес и растат приходите во државниот буџет и дека проектот „Мој ДДВ” дава одлични резултати, потенцирајќи дека граѓаните вршат одлична работа за државата враќајќи пари за себе и го полнат директно државниот буџет.

– Јас ќе ги кажам бројките. Ние ќе чекаме до први, но еве ќе кажам дека се што треба да вратиме за една година за граѓаните, за еден месец веќе е дојдено во буџетот. Ете толку е успешен овој проект, изјави Заев, нагласувајќи дека точните бројките ќе бидат соопштени на крајот на месецов.

За премиерот овие бројки се охрабрувачки и даваат конкретни резултати во борбата против сивата економија. Тој изјави дека приходите на државата растат и тие сите ќе се вратат назад – дел во здравството, дел во правосудството, во болници, патишта, градинки, инфраструктура, железници, гасификација…

Според него, голем дел од овие средства ќе одат и во плати, бидејќи по растот на платите во стопанството, треба да следи и зголемување на платите за јавната администрација.

Значаен сегмент од трошоците ќе бидат наменети и за здравството, бидејќи интенцијата е средствата за специјализациите да стигнат до 100.000 денари, да се подигнат капитациите на општите лекарите, на стоматолозите, гинеколозите, на медицинските сестри и на останатиот персонал.

Тој потсети и дека веќе се зголемени платите на вработените во градинките, а од 1 септември ќе следи раст на платите на целата јавна администрација за пет проценти.

– Ако финансиските перформанси продолжат вака како што сега се случуваат во буџетот, веруваме дека доаѓа едно благопријатно време за сите граѓани. Ако веќе донесовме крупни историски, чувствителни одлуки, сега наша задача треба да биде сите граѓани буквално да почувствуваат благодет од придобивките на интеграциите, кои носат и нови економски перформанси за државата, изјави премиерот Заев.

Треба да знаете
Последни објави