Крушево и Пелагонискиот регион годинава ќе бидат домаќини на ФАИ Светското првенство во параглајдерство што ќе се одржува од 5 до 18 август, со учество на светска елита од 150 гости, изјавија на денешната прес-конференција директорот на АМС, Дарко Каевски, претседателот на Воздухопловната федерација на Северна Македонија, Владимир Бараковски и градоначалникот на Крушево, Томислав Христовски.
Каевски информираше дека стартните локации ќе бидат во Крушево на Мечкин камин, а во регионот на Прилеп, село Кривогаштани и регионот околу Битола се предвидени места за слетување и крај на трките.
Тој посочи дека нашата државата првпат ќе биде домаќин на едно вакво престижно светско првенство, а градот Крушево ќе биде во фокусот на светската воздухопловна јавност, зашто ќе е домаќин на околу 300 учесници, пилоти и официјално лица.
– Со овој меѓународен настан, нашата држава останува на мапата на најпосакуваните дестинации за спортистите и љубителите на слободно летање од целиот свет. Тоа претставува одлична можност за промоција не само како туристичка, туку и како дестинација со одлични услови за слободно летање, особено за организација на натпревари од висок ранг како што е овој, рече Каевски.
Тој додаде дека преку овој спорт ќе ги промовираат и летачките спортови како начин на живеење со кој луѓето во нашата држава, преку нивната зголемена вклученост во рекреативно адреналиски активности, ќе се стекнат со спортските навики и ќе ги стекнат здравите стилови на живеење.
Директорот на АМС упати порака до сите љубители на овој спорт да дојдат и да уживаат во овогодишниот, како што тој рече, најмасовен меѓународен настан на небесните височини во нашата држава.
Претседателот на Воздухопловната федерација рече дека церемонијата на отворање на првенството ќе биде на 5 август попладне во Крушево во 18 часот. Предвидена е свечена церемонија со концепт на група „Фолтин”, и кетеринг за сите гости кои ќе присуствуваат на отворање.
– На Светското првенство годинава ќе учествуваат 150 пилоти. Тоа е максимум дозволена квота што може да учествува. Инаку тоа се 49 репрезентации, односно 49 нации од цел свет што ќе бидат учесници. Од нашата држава тројца репрезентативци ќе уествуваат на ова првенство, истакна Бараковски.
Градоначаникот на Крушево, Томислав Христовски, посочи дека ова е уште една придобивка за Крушево затоа што носи голем број на туристи, посетители и спортисти. Преку овој натпревар, истакна градоначалникот, градот ќе добие значајно место на светската мапа на спортски авантуристички туризам.
-Овој настан е од големо значење за нашиот град. Ние сме должни како општина да им овозможиме услови и да се обидеме гостите и спортистите да останат ден повеќе во Крушево. Подготвуваме многу проекти, од кои 30 проекти се готови, а дел веќе се имплементираат. Ние сме прва општина во нашата земја што го имплементира проектот за авантуристички туризам од 500 илјади евра. Работиме комплетна реконструкција на спортска сала каде би овозможиле, покрај летањето со змаеви и параглајдери, и други алтернативни спортови за самите туристи, посетители и спортисти да останат ден повеќе во градот, рече Христовски.
Со оглед на тоа дека натпреварот ќе се одвива во рамките на научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република”, Христовски истакна дека Крушево ќе биде топ дестинација годинава.