Министерството за култура започнува со конкретни остварувања на капиталните инвестиции во локалната самоуправа

Министерот за култура Хусни Исмаили оствари работна средба со градоначалниците на општините Липково, Боговиње, Врапчиште, Битола, Крушево и претставник од Градот Скопје на која се разговараше за одобрените средства за капитални дотации во областа на културата во 2019 година. По средбата, министерот за култура и градоначалниците потпишаа Договор за реализација на Програмата за користење на средствата за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата за оваа година.

Инаку, во согласност со владината програма, одобрените средства во висина  од   117 056 131 денар ќе бидат наменети за: реконструкција со доградба и надградба на Конгресниот центар Универзална сала – Скопје, изградба на Спомен-обележјето на Тоше Проески, изградба на Дом на културата во Општина Боговиње, реконструкција и адаптација на Културниот центар „Шота“, с. Неготино, Општина Врапчиште, ентериерно уредување на објектот „Кино Манаки“ – Битола, како и други капитални проекти во културата во единиците на локалната самоуправа.

Заеднички став на министерот за култура и на градоначалниците е дека  реализацијата на проектите во сите шест единици на локалната самоуправа во голема мера ќе влијае врз развојот и унапредувањето на културното живеење во овие општини поединечно, но истовремено ќе биде и нов импулс во унапредувањето на културната понуда на територијата на нашата држава воопшто.

Треба да знаете
Последни објави