На претпоследниот ден од годинашната фестивалска програма, „Скопско лето” вечер од 20.30 часот во Сули ан ќе организира концерт на Младинскиот камерен оркестар „Саша Николовски-Ѓумар” на Музичката младина на Македонија.
Диригент на концертот е Олег Кондратенко, а како солисти ќе настапат виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски. Од Дирекцијата на фестивалот соопштија дека алтернативен простор во случај на невреме ќе биде Музејот на македонската борба. Влезот за посетители е слободен.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (МММ) е основан во 1986 година како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид. Ансамблот е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од гости и млади музичари од други земји.
Оркестарот има реализирано повеќе од стотина концерти. Покрај класичен репертоар, изведува и современи дела, вклучително и од македонски автори. Има остварено повеќе телевизиски и радиоснимки, како и сопствена ЦД-продукција.
Завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е постојан дел на програмата на фестивалот „Охридско лето”, а во изминатите десет години и на манифестациите „Скопско лето” и „Битолско лето”.