Хан: Членките на ЕУ ѝ се понаклонети на Северна Македонија за почеток на преговори

Не е тајна дека земјите членки на ЕУ ѝ се понаклонети на Северна Македонија одошто на Албанија кога станува збор за доделување датум за почеток на пристапните преговори, вели еврокомесарот за соседска политика и проширување во заминување, Јоханес Хан во интервју за австриски „Стандард”.

ѐ уште работиме и двете земји да почнат преговори. Но, не е тајна дека расположението меѓу земјите членки за Северна Македонија е едноставно подобро. Двете земји ги исполнија критериумите што ЕУ-членките ги имаа поставено како услов. Затоа дадовме препорака за двете земји. Но, Северна Македонија не само што ги исполни бараните реформи туку ги постигна и историскиот Преспански договор и Договорот за пријателство со Бугарија. Кај Албанија, за жал, во преден план се појавија проблеми: опозицијата не им е во Парламентот, Владата има проблеми да го одржи дијалогот и покрената е процедура за отповикување на Претседателот, вели Хан.

Според Хан, Владата на Северна Македонија постапила на примерен начин и направила напор да ја вклучи опозицијата. Потсетува дека остварил состанок со лидерот на опозицијата и дека апелирал до него да продолжи да покажува конструктивен став.

– Тие успеаја да решат децениски политички конфликт и покажаа значајна политичка храброст, бидејќи оваа одлука подразбираше и висок личен и политички ризик. Секако, ова се однесува и на грчката страна, но особено на Северна Македонија, каде што опозицијата е против Договорот. На почетокот, само 20 отсто од населението го поддржуваше Преспанскиот договор, а тоа што договорот се донесе е одраз на водството на Владата. И тоа, исто така, мора да се препознае и соподветно да се награди. Беше стимул за регионот. Кога лани го потпишавме Преспанскиот договор, владееше расположение да се постигне договор и помеѓу Србија и Косово. За жал, овој позитивен развој запре со воведувањето 100-процентна царина на српските производи на Косово. Решавањето на српско-косовскиот конфликт е од суштинско значење за развојот на целиот регион, истакнува Хан.

Во интервјуто, новинарот на „Стандард” забележува дека, со исклучок на Северна Македонија, регионот сѐ уште не ги отфрлил говорот на омраза и национализмот, иако тоа е предуслов за решавање на регионалните конфликти. Хан се согласува со таквата оценка и посочува дека токму затоа е важно Северна Македонија да биде наградена за сите нејзини напори.

– Другите влади во регионот многу добро знаат дека патот по кој оди Северна Македонија е вистинскиот. Во многу разговори ми го потврдиле тоа – но, однесувањето им е различно. Во овој контекст, политичарите во Северна Македонија се пример за воведување нов тренд. Така што, ако на Северна Македонија ѝ се дозволи отворање пристапни преговори во октомври, како што очекувам, тогаш се надевам дека тоа ќе влијае позитивно на целиот регион, вели еврокомесарот.

Хан во интервјуто зборува и за тоа како Северна Македонија го надминала статусот на „заробена држава”.

– Примерот со Северна Македонија покажува дека „заробеноста на државата” може да биде надмината, бидејќи владејачката партија намерно одбра вклучувачки пристап и презеде мерки да ја одвои државата од партиските интереси. Ние ги почнуваме и завршуваме пристапните преговори со секоја земја со поглавјата 23 и 24 за правда и безбедност. Тоа значи дека нема пристапување ако критериумите поставени во овие две поглавја, како што се владеење на правото, слобода на медиумите, основните права и независно судство, не се исполнети, рече Хан.

Запрашан дали е разочаран од специјалната обвинителка која поднесе оставка бидејќи е под сомнение за корупција, Хан вели дека обично не коментира за постапки што се во тек, но изразува надеж дека истрагата ќе биде спроведена независно и темелно.

– Фактот дека се реагира веднаш и дека е почната истрагата е знак дека правосудството работи. Пристапот на Владата за интегрирање на СЈО во регуларното Јавно обвинителство како независен оддел ми се чини како добар пристап и се надевам дека законот ќе биде усвоен што поскоро, подвлекува Хан.

Хан, кој е еврокомесар за проширување од 2014 година, во интервјуто потврдува и дека сака да продолжи да раководи со одделот за проширување и добрососедска политика. Тој посочува дека веќе разговарал со новоизбраната претседателка на Европската комисија Фон дер Лајен, но, не станало збор за негов избор за комесар. Тој потсетува дека за време на Комисијата на Јункер имаше ротации на комесарите, но и дека тоа може да се промени, а зависи само од одлуката на претседателот на Комисијата.

– Реков дека би сакал да останам на полето на надворешната политика, бидејќи во меѓувреме се стекнав со експертиза која тешко дека некој друг ја поседува на европско ниво. Никој друг не бил тука на Балканот толку долго. Јас се фокусирав на Западен Балкан токму затоа што овој регион е од голем стратешки интерес за Европската Унија и не е само експертизата таа што е важна на Западниот Балкан, туку исто така и вредностите како што се искуството, вмрежувањето и прифаќањето да се направат работите, вели еврокомесарот Хан во интервјуто за „Стандард”.

Треба да знаете
Последни објави