САД планираат да изградат дополнителна воена инфраструктура во Австралија, откако Конгресот ќе одобри буџет од 211,5 милиони американски долари за морнарицата на САД, изјави во вторникот за „Скај њуз“ австралискиот министер за надворешни работи Марис Пејн.
Пејн не образложи што точно планираа да изградат САД, но австралиските медиуми претходно месецов објавија дека плановите се за нов пристанишен објект во близина на Дарвин, на северот на земјата.
Според иницијативите „Force Posture” потпишани меѓу двете земји во 2011 година, секоја година во Австралија тренираат 2.500 американски маринци кои се сместени во австралиска база во Дарвин.
Во исто време, кинеската групација „Лендбриџ“ во 2015 годинао безбеди 99-годишен закуп на пристаништето Дарвин.
САД и Австралија го засилуваат своето воено присуство низ Западен Пацифик поради стравувањата дека Кина ќе добие поголемо влијание во Јужното Кинеско Море, кое е стратешки важна територија богата со нафтени и гасни ресурси.
Поголемиот дел од островите во Јужното Кинеско Море се контролирани од Пекинг, меѓутоа, право над територијата полагаат и неколку други земји, вклучувајќи ги Виетнам, Камбоџа, Брунеи и Филипини.
Односите меѓу САД и Кина се затегнати од минатата година кога Вашингтон воведе тарифи за стоките увезени од Кина поради наводното непропорционално ниво на меѓусебна трговија. Пекинг го критикуваше потегот на САД и возвратисо низа одмазднички чекори.