Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска заедно положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас” во Скопје по што ги разгледаа фреските и иконостасот во црквата.
На поклонувањето на гробот на македонскиот револуционер беа присутни и министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Екатерина Захариева.
Борисов, кој престојува во еднодневна посета на земјава, потоа замина на средба со претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски од каде заедно со премиерот Заев ќе се упатат во Дојран каде што ќе положат цвеќе на споменикот на полковник Константин Каварналиев.
Со тоа ќе заврши официјалната посета на премиерот Борисов по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот за добросоедство, пријателство и соработка меѓу двете земји што беше потпишан на 1 август 2017 година во Скопје.