Украинското Национално истражно биро покрена истрага против поранешниот претседател, Петро Порошенко и неговите соработници поради префрлање на големи суми на девизи од државната компанија „Укробронпром“ на сметка на оф-шор компании според лажни договори.
„Покренато е ново кривично дело што може да погоди десетици соработници на Порошенко. Вчера, Националното истражно биро официјално покрена истрага “, рече Андреј Портнов, адвокат и поранешен заменик началник на кабинетот на поранешниот претседател Виктор Јанукович.
Според обвинувањата, по директна наредба на Порошенко и шефот на Народната банка, Валери Гонтарева, централната банка во 2016 година ги укинала одредбите за контрола на девизите, така што „Укробронпром“ можел да изврши оф-шор плаќања однапред, без контрола и ограничувања на износот.
Адвокатот Портнов верува дека случајот може да резултира во конфискација на целиот имот на Порошенко и на Гонтарева, како и на долги затворски казни, пренесува „ТАСС“.
Порошенко е осомничен и за велепредавство, злоупотреба на службената должност, перење пари, затајување данок, обид за узурпација на правосудството и незаконско именување на министри во 2016 година кога немаше коалиција во парламентот.