Грчката Влада планира во Парламентот да донесе измени на законот за гласање на Грците од странство, за да може уште на следните избори да го остварат нивното право на глас од земјата во која што живеат.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, говорејќи на состанокот на Политичкиот комитет на Нова демократија рече дека конкретното прашање е приортиет за нив и истакна дека ако се донесе закон во Парламентот ќе треба да се изгласа не само од 200 пратеници колку што е потребно, туку од сите 300 членови на Парламентот.
– Правото на глас за Грците од странство од местото на престој, за мене, претставува централен политички приоритет. Конкретната регулатива доаѓа набргу и автономно во Парламентот. Се надевам и посакувам за ова прашање да постојат неопходните парламентарни поклопувања на ставовите. За други работи, може партиите да не се согласуваат меѓу себе, но за правото на нашите браќа кои живеат надвор од границите да имаат збор за настаните во нашата татковина, да гласаат од местото на нивното постојано живеалиште, нема простор за резервираност или „знак прашалник” од никој, рече Мицотакис.