Нова средба меѓу власта и опозицијата за законот за ЈО

Работните групи на власта и на опозицијата денеска ги продолжија разговорите за законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО. На средбата која се одржува во Министерството за правда присуствуваат министерката за правда Рената Дескоска, советникот на премиерот Зоран Заев, Бојан Маричиќ и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

На последната средба одржана во понеделникот во Владата беше постигнато одредено приближување на ставовите за две прашања – за зголемувањето на буџетот на обвинителството и изнаоѓањето модуси за поголема одговорност на вработените и обвинителите.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски по средбата изјави дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите. И претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Милошоски изрази задоволство бидејќи, како што рече, средбата била конструктивна и се договориле околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите.

За Предлог – законот за Јавно обвинителство што го предложи Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа седница на 27 август. Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка.

Треба да знаете
Последни објави