Ромите се најизложени на стереотипи и дискриминација, која неретко е забележлива и во изјавите на јавни личности, сметаат организаторите на одбележувањето на Денот во сеќавање на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна.
Министерот без ресор Музафер Бајрам, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во земјава, во обраќањето истакна дека најмалку се знае за ромскиот холокауст или параимос и затоа, рече, има потреба повеќе да се зборува за прогонот на Ромите. Укажа дека постојано се игнорира и не се санкционира говорот на омраза кон ромската заедница.
– Зборот „циган” не е слобода на говор, туку е говор на омраза. Тој претставува навреда за ромското население кое и ден-денес е изложено на стереотипи и дискриминација, рече Бајрам, нагласувајќи дека сеќавањето на Ромите убиени во Втората светска војна е особено важно за да се разбере минатото и историјата на ромската заедница, која, како што рече, во голема мера е игнорирана и заборавена.
-Нашиот регион е плодна почва за развој на национализам, верска нетолеранција и нетрпеливост. Не можеме да потврдиме дека лекцијата од холакустот е научена зашто историјата се повторува. Сведоци сме на многу немили настани на овие простори, но, за жал, многу лесно забораваме. Дискриминацијата и говорот на омраза кон Ромите ја има насекаде, најмногу по социјалните мрежи, но и во говорите на јавните личности во земјава. Позагрижувачки е фактот што нив ги одобрува јавноста, додаде министерот.
Комеморацијата се организираше трета година во земјава откако Европскиот парламент на 15 април 2015 усвои Резолуција, а 2 август е избран ден за сеќавање бидејќи на 2 август 1944 во гасни комори биле убиени 2 897 Роми и Синти во т.н. цигански логор во Аушвиц-Биркенау во окупирана Полска.
За историскиот контекст зборуваше пратеникот Самка Ибраимоски кој истакна дека геноцидот врз Ромите почнал речиси две години пред 2 август 1944, односно на 16 декември 1942 кога со декрет на Химлер почнала депортацијата на Ромите од Балканот во логорите на смртта.
-Се користела работната сила на ромскиот народ, покрај Евреите, тие биле носени во големите фабрики за оружје на Германија, како Сименс, Хенкел, АЕГ, БМВ… Од робовската работа дел од нив умирале, а дел што не биле послушни биле ликвидирани. Тоа е класичен геноцид врз две заедници во Европа – ромската и еврејската, рече Ибраимоски на комеморацијата што се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија. Во организацијата учествуваа Здружението на граѓани „Ромаверзитас” и Ромскиот младински центар од Куманово.
Конечниот број на убиени Роми и Синти не се знае затоа што нема податоци. Многумина од нив немале лична идентификација и често биле броени само како трупови без потврден идентитет.
На нивниот геноцид му претходело истражување на нацистичкиот доктор Роберт Ритер со кое требало да се „оправда” идеологијата според која овие луѓе не треба да постојат, а потоа дехуманизација, гетоизирање и депортација.
Заедно со околу шест милиони Евреи, Словени, комунисти и неистомисленици на нацистичката идеологија, Ромите биле истребувани во 12 концентрациски логори на територијата на Европа за време на Втората светска војна. Се смета дека во логорите на смртта се убиени околу половина милион Роми и дека до крајот на војната ромската популација била намалена на само 20-30 отсто од таа што била на почетокот на војната.