Раководството на Фудбалската федерација на Макеоднија неочекувано в очи на стартот на новата сезона закажана за 11 август со прволигашката конкуренција, го разреши од функцијата прв човек на Натпреварувачката комисија Васко Дојчиновски. На неговото место доаѓа Игор Франговски, актуелен делегат во Собранието на ФФМ.
-И за мене веста е изненадување. Немам добиено образложение зошто е направена оваа рокада. Причините за смената треба да ги соопштат тие што ја донеле одлуката – кусо прокоментира Дојчиновски, кого раководството на ФФМ го остави како член во Комисијата со која раководеше изминативе седум сезони и беше главниот двигател во спроведувањето на натпреварувачките активности на мак-сцената.
Од ФФМ за направената рокада во Натпреварувачката комисија возвратија дека е сторена како редовна процедура во работењето ! Дојчиновски останува да го претставува мак-фудбалот на УЕФА делегатската листа. Дојчиновски ги реализира сите задолжителни подготвителни активност за непречен старт на сезоната.