Со настап на Пол Калкбренер, кој важи за лидер на современата светска електронска сцена, вечер кај хотел „Еуротел” во Струга ќе биде отворен 10-тиот фестивал на електронската музика „Грин бич” (Green beach).
„Пасворд продукција” соопшти дека фестивалот ќе ги отвори вратите во 21 часот и дека забавата ќе трае до утринските часови. Од 22 часот ќе настапи диџеј Балоски, а настапот на Калкбренер ќе почне од 1.45 по полноќ.
– Врвниот уметник кој важи за институција на светската техно-сцена, гостува премиерно во Македонија и тоа во рамки на неговата актуелна светска турнеја „Parts Of Life” која веќе брои повеќе од 60 настапи низ светот и речиси сите се целосно распродадени. Како еден од најголемите светски електронски продуценти, Калкбренер е познат по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред стотици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг стоунс” и „Ју-Ту”. Уште поголема екслкузивност на овој настан е и фактот дека станува збор за диџеј-продуцент кој настапува исклучиво во живо, правејќи ги неговите сетови секогаш непредвидливи и високо ценето доживување на современата електронска сцена, соопшти организаторот.
Утревечер, 2 август, на фестивалот ќе гостува техно-хаус тандемот „Адриатик” (Adriatique) кои за овој повод со ексклузивен продолжен сет од четири часа ќе го затворат фестивалот. Настапот на „Адриатик” ќе почне на полноќ, а претходно од 22 часот утревечер ќе настапат македонските диџеи Давид Крстевски и Александар Младеновиќ.
-За јубилејниот фестивал илјадниците посетители ги очекува најгламурозно издание досега – со врвна продукција и ексклузивно подготвени сценски визуелизации, соопшти „Пасворд продукција”.
Продукцијата ги советува посетителите порано да пристигнат на настанот и наместо свои возила да користат организиран автобуски превоз кој ќе го има на секои 30 минути од 22 до 5 часот на релација Охрид – Струга – Охрид. Ќе поаѓаат и ќе се враќаат на постојката кај „Тим маркет” (спроти градскиот пазар) во Охрид.