Албанската гранична полиција во соработка со Фронтекс откри 21 мигрант, сите државјани на Ирак, кои на албанска територија влегле преку зелениот појас на границата со Грција.
Управата на граничната полиција потврди дека нивна цел била само транзит да ја минат територијата на Албанија и да го продолжат патот кон земјите на Европската Унија.
– За мигрантите меѓу кои и 12 деца беше обезбедена храна и облека. Ова е прв случај на ваква група мигранти од Ирак, наведуваат од Управата.
Во изминатиот период од годинава откриени се околу илјада мигранти, но, се верува дека бројот на мигрантите кои го продолжиле патот кон некоја западно европска земја е многу поголем.
Затворањето на балканската рута која минуваше од Босна и Херцеговина и Унгарија го зголеми бранот бегалци кои минуваат низ Албанија. Така, на територијата на Албанија лани беа откриени повеќе илјади илегални мигранти, главно од Сирија, но и од палестинските територии и Пакистан.
Албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Леши, неодамна изјави дека во 2018 година бројот на мигрантите бил шестпати поголем во споредба со 2017 година, и оти оваа појава иако со помал интензитет, е присутна и оваа година.
Контролата долж албанско-грчката граница освен со зголемено присуство на албански полицајци, од 22 мај е зајакната и со 50 офицери на Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс.