Во делчевското село Истевник почна 8-то издание на фестивалот на електронска музика „До Зора”. Основна идеја на фестивалот кој се враќа на првобитната локација во Истевник, како што информираше Димитар Димитровски од тимот на „До Зора”, е младите преку електронската музика да се оттргнат од секојдневието.
-Оваа година се враќаме во Истевник, претходните години бевме на градскиот базен, но сметаме дека фестивалот како база треба да остане во Истевник и фестивалот од година во година да го надоградуваме. Главни гости годинава се диџеи од Романија, Србија и останатите се од Македонија. Главна ѕвезда на вечерта е Атма Оливер, кој слави 20 години од почетокот на својата музичка кариера, истакна Димитровски.
На „До Зора” настапува и млад музичар од Нови Сад, кој во рамки на електронските сетови вметнува елементи на виолина во живо.
-За сите кои сакаат да бидат дел од настанот од 22 часот до 1 часот по полноќ, имаме организирано превоз од Делчево до Истевник, со што сите кои сакаат да дојдат можат да не посетат, додава Димитровски.
Освен споменатите музички имиња на годинешното 8 издание на ,,До Зора”, настапуваат и Селестиал Интелиџенс, Кецман, Ониро и Морфера, музичари кои им се познати на љубителите на електронската музика.