Археолозите по трасата на новиот експресен пат Штип – Кочани

 Патуваме по трасата на експресниот пат Штип – Кочани. Екипата на МИА пристигнува над селото Крупиште во Општина Карбинци, до новата клучка каде што жителите на околните села, но и на Пробиштип, ќе се приклучуваат кон новиот експресен пат. Големи камиони што носат градежен материјал зад себе оставаат прашина. Патниците кои поминуваат добиваат впечаток дека забрзано се гради овој експресен пат. Но, нашата крајна цел е над селото Жиганци во Општина Чешиново-Облешево, каде што се наоѓаат археолозите и истражуваат на локалитет што случајно беше откриен од страна на градежните работници на кинески „Синохидро”, а кои веќе ја пробиваат трасата од Крупиште до Кочани.

Со нас е директорот на Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на Град Штип, Митко Штерјов, кој по пат поминувајќи низ селото Жиганци и низ трасата на новиот експресен пат, што поминува покрај нивите со ориз, ни раскажува дека теренот е богат со археолошки локалитети, а по помината две децении археолозите истражуваат на овој терен.

Екипата пристигнува до локалитетот Долченица, каде што десетчлена стручна екипа од музеиите од Штип, Скопје и од Прилеп, но и над 40 работници работат на ископување. Со копачи, лопати, се отстранува земјата, а археолозите со четкички внимателно ја тргаат земјата, од двете гробници што ги пронајдоа. Во едниот гроб се погребани двајца великодостојници. Штерјов појаснува дека во нивната гробница се пронајдени ќерамички предмети, монети од четвртиот век.

– Оваа е малку поголема гробница. Инаку во доцната антика ги имаме тие примери, каде што има двојни погребувања во една гробница, не е некоја новина, но сепак податок повеќе се наодите што ги најдовме, бидејќи овој гроб не е работен претходно од дивите копачи. Со откривањето на двата гроба ги потврдивме со наодите што ги најдовме, односно со монетите што ги најдовме во гробот. Инаку се работи за една гробница што на нашите простори многу ретко се наоѓа. Ние ги наоѓаме во разрушени делови, а оваа е цела, каде што можевме да ја видиме архитектурата, вели Штерјов.

Дали се работи за вила рустика или за цела некропола на доцноантичкиот град Долченица дополнително ќе се утврдува. Интерсно е тоа што во неа се откриени зачувани садови и стаклени предмети, така што, како што вели Штерјов, уште на самиот старт на истражувањето го имаат дефинирано периодот. Пред да почнат истражувањата првично се мислеше дека овде има ранохристијанска базилика, но по деталните ископувања е пронајдена гробницата што е оградена со големи камења. Големиот тим од 50 до 60 стручни лица и работници е сместен во археолошкиот камп во селото Соколарци, каде што се истражува и на друг локалитет.

Приказната за 900 килограми злато пронајдено во близина на Жиганци

Пред два месеци силно одекна приказната за откриените не девет, ниту 90, туку фантастични 900 килограми злато, во близина на селото Жиганци. Жителите ја раскажуваа приказната, а нивната фантазија дополнително ја надградуваше целата приказна за откриеното злато. Потеклото на златото одеше уште од времето на светите браќа Кирил и Методиј, кои претстојувале на локалитетот Кале, потоа се споменуваше и османлискиот опериод, а некои го поврзуваат и со периодот од Втората светска војна. Штерјов смета дека „плетењето” на приказната за златото почнала откако е пронајден питус.

– Онаа приказна што се вртеше во медиумите и меѓу мештаните не беше за овој дел, каде што ние работиме, туку станува збор за друга локација, а каде што, според кажувањата на мештаните, се откри еден питус и така приказната почна да се врти дека тој питус бил полн со злато. Така се ширеше, но сето тоа набрзина слегна, па и откако ние таму работиме им ги објаснуваме работите. Тие сфатија дека археологијата е една друга работа и не е трагање по големи количини злато. Сметам дека со текот на времето разбраа што ние, археолозите, работиме, вели Штерјов.

Археолошките истражувања на новиот експресен пат од Крупиште до Кочани треба да завршат кон крајот на месецов, по што археолозите ќе соопштат што откриле на терен, а овие истражувања ги финансира ЈП за државни патишта во износ од речиси три милиони денари, со цел откако ќе завршат истражувањата, на терен со градежните работи да продолжат работниците на кинески „Синохидро”. Минатата година археолозите исто така работеа на трасата Штип – Радовиш, а како што вели Штерјов, новите генерации археолози треба да имаат мотив да ги истражуваат новите локалитет што се откриени.

Штипските археолози ќе се селат на локалитетот Баргала

Откако ќе завршат овие истражувања на локалитетите кај Жиганци и Соколарци, археолозите ќе се преселат од другата страна на реката Брегалница, на локалитетот Баргала, што се наоѓа во Општина Карбинци.

– Таму ќе имаме конзервација на мозаикот, што сакам да кажам, по 30 години откако е откриен ќе му правиме конзервација, бидејќи тоа е еден од значајните делови на градската базилика во Баргала, вели Штерјов.

Тој истакна дека конечно и тврдината Исар, што е симбол на градот Штип, ќе добие проект.

– Ние сме во финална фаза на два проекта што се капитални и мислам дека за Штип се од голема важност, но не само за Штип, туку за целата држава. По долги години штипската трврдина ќе добие проект за конзервација и реставрација на целокупниот акропол на тврдината и кога го имаш проектот, тогаш е полесно да се бараат и финансии. Ние тој проект заедно со Општина Штип ќе го нудиме и во меѓународни фондови и во Министерството за култура. Така што се надевам дека кога веќе го имаме проектот, ќе можеме да конкурираме, рече Штерјов.

Појаснува дека проектот предвидува целосна конзервација и реконструкција на акрополот, а тврдината има два појаса, највисокиот дел е каде што се наоѓа главната кула Донжон.

– Значи да се направи како еден видиковец, каде што ќе можат туристите да шетаат по бедемите, а не сега да се плашиме кога се качуваме на Исарот. Знаеме дека Исарот има и друго значење, каде што се одвива и празникот Ч’трсе, кој е прогласен за нематеријално културно наследство од страна на УНЕСКО, вели Штерјов.

Предвидено е на тврдината да се постават и сувенирници и да се збогати туристичката понуда на тврдината, која е една од ретките што е лоцирана во центар на град. Вториот проект е црквата „Свети Илија” или Хусамединпашината џамија, која по решавањето на спорот околу тоа чиј е објектот е предадена на штипскиот Музеј.

Треба да знаете
Последни објави