Грчката полиција разби криминална група која складирала и преработувала шверцувани тутунски производи, уапсени се 10 лица и запленети над 128 тони обработен и суров тутун, jави дописничката на МИА од Атина.
Тутунот бил пронајден во три магацини, а бил наменет за производство на шверцувани цигари и нелегална продажба и извоз во странство и во земјите од ЕУ. Полицијата запленила и опрема за преработка на тутунот и производство на цигари.
– Се проценува дека избегнатите давачки, даноци и останатите трошоци за државата само од преработениот тутун и од произведените цигари се над 5, 5 милиони евра, додека точната пресметка на соодветните давачки ќе ја изврши Царината, изјави началникот на Дирекцијата за безбедност на областа Атика, Петрос Ѕаферис.
Во полициската акција во трите магацини и во еден стан, меѓу другото, биле пронајдени и запленети: 128 тони и 720 килограми обработен и суров тутун, кутии цигари и тутун на различни јазици, грчки, англиски, италијански, француски и бугарски, механичка опрема за преработка на тутун и стандардизација на цигари, 4.600 евра, три камиони за меѓународен транспорт, три автомобили, шест специјални товарни возила, 12 мобилни телефони.
Уапсените 10 лица изведени се пред јавен обвинител.