Војводата и војвотката од Сасекс ги отследија сите профили на „Инстаграм“ – и имаат одлична причина за тоа!
На 1 август, фановите на кралското семејство можеби се изненадија кога на официјалниот профил на „Инстаграм“ за принцот Хари и Меган Маркл, @sussexroyal, се појави дека следат 0 профили.
Но, тука не постои драма. Тоа е дел од добротворната мисија на кралскиот пар.
„Секој месец, ги менуваме сметките што ги следиме за да потенцираме разни причини, луѓе или организации што прават неверојатни работи за своите заедници и целиот свет“, објаснуваат војводата и војвотката во објавата на „Инстаграм“.
За август, тие бараат од луѓето да слават инспиративни луѓе во нивните заедници. Ова се поврзува со септемвриското издание на британскиот „Вог“, чиј гостин уредник беше Меган, а кое се фокусира на 15 Сили за промени низ целиот свет.
Во својот последен пост, кралската двојка ги замоли следбениците да номинираат свои Сили за промени: „Некој на кој му се восхитувате, организација која прави неверојатна работа што треба да ја следиме сите, некој што ве инспирира да бидете и да направите подобро (или едноставно прави да се чувствувате добро)“, напишаа Хари и Меган.
Војводата и војвотката ќе изберат 15 профили и ќе почнат да ги следат следниот понеделник.
Кралската двојка ова го направи и во мај, кога тие ги избришаа сите профили што ги следеа на „Инстаграм“, вклучително и други членови на кралското семејство. Потоа тие заследија 16 добротворни организации и организации фокусирани на менталното здравје и самопомош.
„Постојат безброј организации кои прават неверојатна работа за ментално здравје – ве молиме разгледајте ги профилите што ги истакнавме како мала слика на оваа глобална мрежа за поддршка“, напишаа тогаш Хари и Меган.
Кралската двојка има повеќе од 9 милиони следбеници на „Инстаграм“, така што оваа иницијатива без сомнение ќе стигне до многу луѓе.