Невреме со силен ветер и дожд синоќа ги погоди сплитското подрачје и Далмација. Од силината на ветерот неколку дрвја биле откорнати, а од големите бранови предизвикани во Јадранското Море, неколку пловила се насукале, изјавиле за агенцијата „Хина“ од поморскиот метеоролошки центар во Сплит.
Националниот центар за спасување на море примил околу 130 пријави за заглавени бродови, а дојавите во најголем број биле од лица кои се наоѓале на тие пловни објекти или од очевидци, но нема информации за повредени или жртви.
Во Сплит и Солин ветрот корнел дрвја кои паѓале на патиштата или врз автомобили при што била предизвикана штета. Некои објекти останале без покрив, а најмногу повици до Центарот за спасување доаѓале од Сплит, Солин, Каштел.
„Имаме многу повици, само во областа на Сплит имаме дојави за пет хаварии и можеби 20 на целиот Јадрански брег. Но, не можам да ви дадам повеќе информации сега затоа што сме преплавени со повици“, изјавиле од Центарот.