Лидерот на опозициската Републиканска партија и поранешен министер за одбрана Фатмир Медиу остро реагираше на одлуката на членовите на Социјалистичката партија да ја бојкотираат седницата на Централната изборна комисија (ЦИК), на која требаше да се расправа по барањето на неколку опозициски партии да се регистрираат за локалните избори, што се закажани на 13 октомври.
– Се заврши. Не постои Устав, нема држава, нема институции, ние живееме во банана Република, рече Медиу.
Додаде дека Социјалистичката партија „со неучеството на нејзините членови на седницата на ЦИК ги бојкотира изборите и институциите” и оти тоа е „најлошиот преседан од формирањето на оваа институција”. Поради тоа смета тој, Парламентот треба да се состане и да ја разреши комисијата.
Медиу посочува дека „опозицијата има историска одговорност да најде решение, во партнерство со меѓународната заедница и Албанците”.
Републиканската партија, заедно со Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) и Аграрната партија кои се дел од обединетата албанска опозиција, побараа регистрација за изборите на 13 октомври, врз основа на уредбата на претседателот Илир Мета. Демократската партија, која ја предводи обединетата опозиција засега нема одлука.
На закажаната седница на ЦИК беше присутен само претседателот, Климент Згури.
Реагираше и ЛСИ, чиј потпретседател Петрит Васили на Фејсбук напиша дека изборите од 30 јуни на кои не учествуваше главната опозиција се „најголем срам на Албанија” и оти изборите на 13 октомври се „единствено решение за Албанците и интеграцијата”.