За два месеца се очекува официјално да биде отворен македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул врз основа на Договорот меѓу нашата и Владата на Турција за основање културни центри во двете земји, кој стапи во сила во 2015 година. Почна и процедурата за основање КИЦ во Тирана, за кој се очекува Собранието на Албанија да го ратификува Договорот што со нивниот Совет на министри го склучи македонската Влада.
Со овие два, Северна Македонија ќе има четири културни центри надвор од својата територија. Првиот е отворен во Њујорк во 2004, а во април 2005 година почна да работи и во Софија.
КИЦ во Бугарија, всушност, е прв на меѓудржавно ниво, т.е. отворен врз основа на Законот за надворешни работи и на билатералниот договор за реципрочно отворање културни центри, кој го ратификуваа собранијата на двете земји.
(Културно-информативниот центар во Софија)
За разлика од Софија, центарот во Њујорк (Gallery MC) е иницијатива на здружение на граѓани со кое договор има Министерството за култура, без реципроцитет т.е. обврска да се отвори културен центар на САД во земјава.
За КИЦ во Истанбул веќе две години е назначен и директор – писателот Рамадан Рамадани. Центарот се наоѓа на Таксим, во срцето на Истанбул, и се простира на околу 200 квадратни метри.
-Верувам дека за многу кратко време ќе се ефектуира работата на Центарот и дека за два месеца ќе имаме и негово свечено отворање. Имаше застој од технички причини кој полека се надминува. Од наша страна се исполнети сите предуслови за непречено функционирање. Деновиве министерот Исмаили имаше средба со директорот Рамадани, на која се разговараше и за идните планови за работа на Центарот. Сега се работи на приспособување на доделениот простор, вели за МИА Фатон Фазлиу, шеф на Кабинетот на министерот за култура.
За Истанбул за оваа година, рече тој, има програма и обезбеден е буџет за седум проекти на поединци, автори и уметници, и здруженија што аплицирале. Планирано е изложби да имаат Шкипе Мехмети, Љубица Мешкова Солак, Улбер Даути, Беган Деари, концерти ќе одржат Марина Трајковска и Арјана Куриу-Груби и ќе се претстават млади македонски книжевни автори преку здружението „Восток”. Настаните ќе се реализираат во Центарот, но и на други локации во Истанбул.
Според Договорот, Турција во Македонија својот центар ќе го лоцира во Куршумли ан, кој турската страна има обврска да го реставрира и конзервира.
Неодамна во Собранието беше ратификуван Договорот за основање културни центри во Македонија и Албанија, а се чека да се ратификува и во албанскиот Парламент, по што ќе се избира простор за културен центар во Тирана. Според сознанија што ги имаат во нашето Министерство за култура, Албанија е заинтересирана нивниот центар да биде во Битола. Владата неодамна за директор на КИЦ во Тирана го назначи музичарот Златко Ориѓански.
-Инсистираме договорот што побргу да се ратификува во Албанија, да најдеме простор, директорот да може таму да престојува и да работи за наши уметници и институции да може да аплицираат за настапи во Албанија во Годишната програма за 2020 година, вели Фазлиу.
(Културниот центар „Gallery MC” во Њујорк)
Постапките за отворање на културните центри во странство се регулирани согласно со Законот за надворешни работи, а откако ќе бидат отворени нивното финансирање го презема Министерството за култура. Директорите на културните центри отворени со меѓудржавни договори ги назначува Владата и тие имаат статус и плата на дипломат. Нивниот мандат трае колку и на директорите на националните установи во земјава.
Трошоците за КИЦ во Софија оваа година се околу 7.500.000 денари но може да бидат и поголеми, вели Фазлиу, ако има други проекти зашто во Секторот за меѓународна соработка во Министерството за култура може да се аплицира во текот на целата година.
Министерството за култура ги покрива тековните обврски за центарот, обезбедува плати за директорот (актуелен е драмскиот писател Сашко Насев) и за двајцата привремено вработени, за наемнина на просторот и за уметниците кога одат таму да се претстават.
КИЦ-от во Њујорк „Gallery MC”, пак, кој го раководи ликовниот уметник Горазд Попоски и кој функционира најдолго (15 години) е иницијатива на здружение на граѓани. Министерството за култура се грижи и ги покрива трошоците за кирија за овој центар и за станот што се користи за престој на сите уметници што се претставуваат. Годишниот буџет зависи од програмата и од бројот на учесници, а просечно е околу 7.500.000 денари.
Фазлиу напомнува дека во Њујорк има многу наши иселеници и смета дека постоењето на центарот е корисно не само за културна промоција, туку помага и во други сфери – во политичкиот живот и економијата.
Софија и Њујорк имаат богата програма и заинтересирани уметници што сакаат да учествуваат со свои проекти. Најголем број аплицираат на конкурсите од Годишната програма, но кога има покана или иницијатива што претходно не била предвидена, може да аплицираат и во текот на годината.
Нема утврден т.е. ограничен буџет за проект, но има критериуми за доделување на средствата – концептот на проектот, неговата продукција, ангажирани лица, патни и дневни трошоци итн.
-Речиси преку цела година центрите имаат настани. Мора да ги пофалам двајцата директори, Попоски и Насев, кои нѐ информираат за иницијативи и покани кои понекогаш не доаѓаат во Министерството, туку кај нив. Во тој поглед се активни и продуктивни, додаде шефот на Кабинетот на министерот за култура.
За други културни центри што би се отвориле врз основа на меѓудржавни договори и по принцип на реципроцитет се спомнуваат и Србија, Швајцарија, Русија, Босна и Херцеговина, но засега се работи само за иницијативи, не и за конкретни чекори.