Водачот на бразилска банда,Клавино да Силва, попознат како Шорти, се обидел да избега од затвор маскирајќи се во својата ќерка тинејџерка, која дошла да го посети во саботата. Ја облекол нејзината облека и ставил маска со нејзиниот лик, но го издала нервозата.
Планот на Шорти бил да излезе од затвор и да ја остави ќерка си внатре. Затоа полицијата ја испитувала нејзината улога во оваа „операција“.
Официјални лица од затворот во западниот дел на Рио де Жанеиро објавија фотографии од силиконската маска, розовата маица и тесните фармерки, што ги носел Шорти. Видеото го прикажува моментот кога криминалецот сето тоа го соблекува.
Да Силва е истакнат член на бандата „Црвената команда“, една од најопасните криминални групи во земјата што ја контролира дистрибуцијата на дрога во поголемиот дел од Рио де Жанеиро.
По неуспешното бегство, Шорти бил пренесен во затвор со повисока безбедност, а го очекуваат и санкции, пренесува „Гардијан“.