Владата на Индија има намера да ја укине уставната одредба за специјален статус на Кашмир со цел целосно да го интегрира овој мнозински муслимански регион.
Министерот за внатрешни работи Амит Шах му рече на парламентот дека сојузната влада ќе го укине членот 370, кој му гарантира посебен статус на Кашмир и му дозволува свои закони, пренесува „Ројтерс“.
Кашмир, кој има мнозинско муслиманско население, веќе долго време предизвикува раздор меѓу Индија и Пакистан, бидејќи и двете земји ја бараат територијата, потсетува агенцијата.
Тензиите особено ескалираа од петокот, кога локалните индиски власти во Кашмир издадоа предупредување за можен напад на екстремистичките групи со седиште во Пакистан.
Пакистан ги отфрли овие тврдења, но илјадници индиски туристи, аџии и работници го напуштија регионот во паника.