Нуон Чеа, главниот идеолог на комунистичкиот режим на Црвените Кмери, почина вчера, соопшти камбоџанскиот Суд за геноцид, што е поддржан од Обединетите нации.
Чеа почина на возраст од 93 години, јавија американските медиуми.
Тој во земјата беше познат како братот број два, десната рака на Пол Пот, лидерот на режимот, кој со Камбоџа владееше од 1975 до 1979 година.
Фанатичните напори на Црвените Кмери да создадат утописко општество доведоа до смртта на 1,7 милиона луѓе, или повеќе од четртина од тогашното население на земјата, и тоа од глад и болести, прекумерна работа и егзекуции, наведуваат американските медиуми.
Познавачите на состојбите во оваа земја веруваат дека Нуон Чеа бил одговорниот за екстремистичката политика на Црвените Кмери и дека директно бил вклучен во неговите чистки и погубувања.
Тој издржуваше доживотна затворска казна под обвиненија за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Чеа никогаш не ја призна вината, а на судењето изјавуваше дека тој и неговите другари не биле лоши луѓе и ја негираше одговорноста за било какви убиства.