Хулигани во Сплит нападнале туристи од Франција само поради нивната боја на кожата. Турист од Велика Британија кој се обидел да ги заштити добил шлаканица. Жена која била очевидец на настанот за хрватските медиуми раскажува дека видела како момчиња со црна боја на кожата бегаат, а по нив трчале десетина лица во црни маици и им довикувале дека се мајмуни, а фрлале по нив и со шишиња.
Од полицијата го потврдиле инцидентот дека се случил синоќа околу 23 часот и го окарактеризирале како нарушување на јавниот ред и мир од страна на неколку непознати машки лица кои нападнале странски државјани.
Според хрватски „Индекс“ кога од својот апартман излегол 61-годишен државјанин на Велика Британија со намера да им помогне удрен од насилниците по што му се слошило и морал да биде префрлен во болница каде не прифатил да биде хоспитализиран.
Лекарска помош не прифатиле и двајца од француските туристи кои биле мета на насилниците.
Последнава недела во Сплит се случија неколку инциденти. Пред неколку дена непознат маж на француски турист го гризна за уво, млада Норвежанка заработи скршеница на носот,а со нож и тврд предмет во одвоени случаи биле избодени неколку лица.