Русите имаат подобро мислење за поранешната советска власт, отколку за актуелните руски власти, покажуваат резултатите од националната анкета, која денеска ја објави најголемата независна организација за социолошки истражувања во државата, Левада Центар.
Од листата со повеќе од 20 карактеристики, испитаниците можеле да одберат пет за да ја опишат поранешната советска и актуелната, руска власт. четирите најчесто одбрани карактеристики на советската власт се позитивни, додека за актуелната – сите биле негативни.
Според анкетата, 29 проценти веруваат дека власта во Советскиот сојуз била „блиска до народот”, 25 отсто ја опишаа како „силна”, 22 отсто „праведна”, а 20 проценти „легитимна”. Речиси половина од испитаниците, односно 41 процент оценува дека актуелната Влада е „криминална и корумпирана”, за 31 отсто е „оддалечена од народот”, за 24 проценти е „бирократска” и за 19 отсто е „кусогледа”.
Само 15 отсто од испитаниците оцениле дека актуелната власт е легитимна.