Раскол во албанската обединета опозиција или нова тактика е прашањето кое си го поставува албанската јавност по последната одлука на три политички партии да пријават учество на локалните избори закажани со последната уредба на претседателот Илир Мета и не пријавувањето на Демократската партија,која ја предводи опозицијата. Одговор на тоа најверојатно ќе се знае набрзо.
Од третата по големина политичка партија во земјата и втора во обединетата опозиција, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), не сакаа да коменираат дали опозицијата е поделена околу локалните избори на 13 октомври.
– ЛСИ поднесе барање за регистрација за учество на локалните избори на 13 октомври. Она што е важно е дека 13 октомври е легитимен ден на изборите за локалната власт според уредбата на претседателот Илир Мета и го почитуваат сите, изјави за новинарите генералниот секретар Ендрит Браимлари по доставувањето на пријата во Централната изборна комисија (ЦИК).
Браимлари ги повика членови на ЦИК од редовите на владејачката социјалистичка партија да се придржуваат кон уредбата на Мета,зашто како што рече, во спротивно тие сносат кривична одговорност.
Денеска, кога е крајниот рок политичките партии да се регистрираат за локалните избори за 13 октомври, до ЦИК освен ЛСИ барање поднесоа и Републиканската и аграрната партија,кои се дел од обеднетата опозиција.
Од друга страна лидерот на Демократската партија,Љуљзим Баша, порача дека изборите не се прашање на бројки, туку на стандарди.
-Битката за слободни избори не е партиска кауза, туку е битка на секој Албанец. Решението не е „оди си ти, за да дојдам јас”, туку таа е клучна битка за Албанија денес и утре, Албанија на европски стандарди, рече Баша на средба во градот Круја,коментрајќи ја изјавата на Браимлари.
Според Баша, „решението на кризата во која е потоната земјата започнува со казнување на политичарите фатени во купување гласови и во соработка со организираниот криминал, заради власт и лично богатење”