Согласно Годишната програма на Секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид, поставена е опрема и пуштен е во употреба „Hot Spot” односно бесплатно поврзување на Интернет на уште две нови локации во градот, поточно пред црквата „Света Софија” и на Кеј „Македонија” во Охрид.
Минатата година такви места со бесплатна конекција на Интернет беа поставени на плоштадите „Св. Климент Охридски” и „Крушевска Република”, како и кај локалитетот „Плаошник”.
Според соопштението од Општина Охрид, на тој начин посетителите, туристите и сите гости во градот ќе имаат можност бесплатно да користат „Wi-Fi” поврзувањето со цел да им се овозможи добивање информации за туристичка понуда, календар на настани, манифестации, новости и услуги на градот.
Од Секторот за туризам и локален економски развој изразуваат благодарност до Н.У. „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид”, како и МПЦ- Охридска архиепископија за соработката околу поставувањето на интернет опремата.