Портпаролот на Кинеската канцеларија за Хонг Конг денеска изјави дека „демонстрантите не треба да ја потценуваат цврстата одлука на централната Влада”.
Тој како главен виновник за насилствата во Хонг Конг ги посочи антикинеските сили.
– Народно ослободителната армија на Кина е голема сила и ќе го заштити секој дел од својата територија, истакна портпаролот одговарајќи на прашањето за евентуално испраќање на кинески војници поради повеќенеделните протести во Хонг Конг.
Во исто време, група активисти со маски и шешири одржа прес-конференција, која е прва од отпочнувањето на протестите. Тие и порачаа на Лам да ја врати моќта кај народот на Хонг Конг и да ги разгледа нивните барања.
Тие исто така наведоа дека не се поврзани со ниту една политичка партија или организација, истакнувајќи оти нивна цел е да создадат платформа за граѓаните на Хонг Конг преку која ќе можат да го искажат своето незадоволство од Владата и полицијата.
Премиерката на Хонг Конг, Кери Лам вчера предупреди дека градот е „на ивица на многу опасна ситуација”.
Протестите во Хонг Конг почнаа на 9 јуни поради Законот за екстрадиција, со кој се предвидуваше на граѓаните на Хонг Конг да може да им се суди во централна Кина. Законот во меѓувреме беше суспендиран, а протестите прераснаа во антивладини со барање за оставка на Лам. Демонстрантите сега бараат и задржување на демократските придобивки и слободи, како што е слобода на говорот и независно судство.
Протестите се прва сериозна политичка криза во Хонг Конг откако поранешната британска колонија беше вратена под управа на централната Влада во Пекинг пред 22 години.