Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска во Битола, во присуство на градоначалниците на Пелагонискиот плански регион го потпиша договорот за финансирање на Центарот за развој на планскиот регион за тековната 2019 година, соопшти Министерството.
Во оваа прилика, Милевски истакнал дека со договорот се утврдуваат активностите што Центарот за развој ќе ги реализира оваа година, а што произлегуваат од Програмата за развој на пелагонискиот плански регион. За реализација на оперативните активности на Центарот, поддршката од Министерството за 2019 година е 1,2 милиони денари, и исто толку за реализација на проектите за развој на планскиот регион. Тој ги информирал присутните дека Министерството за локална самоуправа веќе ги има започнато активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој.
– Во изминатиот период не се постигнати очекуваните резултати, развојните разлики се големи, особено меѓу урбаните и руралните општини, додека нивото на услуги во некои населени места е под стандардите. Оваа состојба мора да се менува со ефикасни политики и брзи решенија, истакна Милевски.
Во Пелагонискиот плански регион, нагласи, од буџетската програма за рамномерен регионален развој, годинава се финансираат 15 проекти во вкупна вредност од 48 милиони денари. Осум проекти се за развој на регионот, три за развој на селата и четири проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби.
– Регионалниот развој, се поттикнува со средства од буџетот, но буџетот не треба да биде единствениот извор за финансирање на проектите. Сериозно треба да се смета и на ИПА инструментот на Европската Унија, затоа што со членството на државата во макро регионалните Стратегии на Европската Унија, можностите се уште поголеми, рече министерот.
Тој најави ефективна соработка за решавање на прашањата кои се одразуваат на ефикасноста и на квалитетот на реализација на проектите и донесување на сериозни одлуки за продолжување на процесот на децентрализација, на трансферот на нови надлежности и на финансиски средства.
Договори за финансирање, како што потсетуваат од Министерството, ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.