„…Доаѓаме до најчувствителниот дел од приказната, до прашањето каква врска имаат овие лица со Зоран Заев, со Радмила Шеќеринска и со Фросина Ременски? И каде се тука поранешниот генерален секретар Александар Кирацовски и сегашниот портпарол Костадин Костадинов, кој е и дел од Меѓународен сојуз? Каде се тука министерот Горан Сугаревски и неколку градоначалници, сите заедно потписници на меморандуми за соработка со невладината на „кралот“, меморандуми со кои тој ги убедувал жртвите (ако воопшто станува збор за жртви), дека може да им обезбеди сѐ што им ветил, бидејќи ете соработувал со власта, на чело со премиерот Заев…,“анализира новинарот Бранко Героски зошто досега специјалната јавна обвинителка не е осомничена за случајот „Рекет” и покрај цврстите и уверливо документирани докази против неа, пишува „Плусинфо”.
Порталот прашува зошто освен Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец досега не се осомничени и други лица, како на пример од невладината организација Меѓународен сојуз и личностите кои ги подигале спорните уплати како хонорари.
„Неофицијално дознавам дека спомнатата Јасна Мандиќ е интересна личност и таа на некој начин е поврзана со Радмила Шеќеринска, заменичката претседател на СДСМ. Веднаш да се разбереме, не инсинуирам баш ништо и не сакам да правам сапуница од пријателска конекција на Мандиќ со сопругот на Шеќеринска, преку трети личности. Пријателствата и дружбите се нормална работа и не се ниту криминал ниту злоупотреба, сами по себе. Настрана фактот што Марија Јанковска, една од основачките на Меѓународен сојуз, е јатрва на Шеќеринска. И тоа може да е само обична коинциденција“, пишува Героски.