Три години од тој кобен 6 август 2016 година, сеќавањата за ужасите кои ги предизвика водената стихија не бледнеат, се уште се живи кај жителите на Стајковци, едно од најпогодените места од поплавата.
Со сите што се сретнавме во Стајковци, се сеќаваат на 11-годишниот Иван, кого водата го земала од рацете на неговиот дедо и го однела во сигурна смрт. Се сеќаваат на 60-годишната нивна сограѓанка, која враќајќи се од гости со сопругот, не успеала да излезе од автомобилот на обиколницата. Мажот се спасил, жената не.
Тие се само дел од 22-те жртви, кои ги загубија животите на 6 август 2016 година, кога Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Страчинци, Смилковци, Црешево и Арачиново се соочија со незапаметено невреме и поплава од невидени размери.
Во Стајковци останаа само небојадисаните, раскопани ѕидови по некои објекти, да сведочат за нивото до кое стигнала водата таа ноќ.
– Тоа беше нешто најлошо. Нешто невидено. Ужасно. Цела ноќ се боревме со водената стихија. Сите три куќи на нашето семејство беа полни со вода. Моите четири внуци беа во куќата на син ми. Се качиле на маса. Јас тргнав накај внуците, но водата почна да ме носи, да ме враќа назад. Не можев да стигнам до кај нив. Слушав три деца како викаат за помош, фатени на нашата ограда. Како да им помогнам? И да сакав не можев. Утредента разбрав дека децата се спасиле, се сеќава Киро Димитриевски, кој вели дека тој што не видел, не може ниту да претпостави што се случувало таа ноќ.
Сопругата на едниот негов син, работи во продавницата во близина. Тој ден била втора смена. Вечерта со синот, некако отишле до продавницата и ја земале на раце за да ја донесат од работа дома.
Материјалната штета за ова семејство била огромна. Оградата целосно уништена, три куќи поплавени, а еден помошен објект целосно однесен.
– Уште има работи, кои не можеме да ги обновиме. Од државата речиси ништо не добивме. Ни дадоа само за фолиите. За работите кои ни беа уништени, ни рекоа дека се стари и ништо не вредат. Пари земаа многу кои не претрпеа никаква штета, а ние што навистина бевме – не, вели Димитровски.
Димитровски со соседите секое утро зборуваат за поплавата.
– Да не се повтори, вели тој.
Се поздравивме со него, и тргнавме надолу по улицата.
На 6 август слават што останале живи
Поразговаравме со Билјана Стојановска, која беше во дворот на нејзиниот дом.
– Страшно беше. Огромна вода, луѓето во паника. Тука имаше два метра вода. Куќата на брат ми, кој живее погоре, беше прва на удар. Среќни сме што сме сите здрави и живи. Таа ноќ, јас, сопругот и двете деца бевме дома. Се качивме на вториот кат. Син ми беше во гаражата. Но, среќа таму не влезе вода. Морничаво. Ние бевме 100 отсто уништени. Три автомобили ни беа уништени. Долниот кат од 200 квадрати, исчезна, водата се однесе. Оградата, дрвјата, земјоделските производи, сето тоа го снема за миг. Овде имаше огромна дупка, па купувавме земја за да ја пополниме, се сеќава Стојановска.
Таа е задоволна од помошта што ја добиле. Државата ги обесштетила. Не толку колку што требало, но задоволни се. И таа вели дека повеќе земале тие што не биле толку отштетни.
– Ние сме среќни што сме сите живи. Тоа е најважно, вели Стојановска со солзи на очите. -На 6 август правиме ручек, го славиме што останавме живи, вели таа.
Тргнавме кон улицата, која Стојановска ни ја посочи како најпогодена, прва на удар, каде што живее нејзиниот брат, кој четири дена останал без леб и вода.
Не сакаат да се сеќаваат на таа ноќ
На улицата ги сретнавме Блаже и Милица Павлови, гостопримливи луѓе, кои не послужија со домашен сок од капини.
– Многу беше страшно таа ноќ. Едвај преживеавме. Со сопругот бевме дома. Гледавме само како да се спасиме. Сите крпи што ги имавме дома ги ставивме, пешкири. Долу имаме сутерен, тој беше целиот поплавен со вода и се чувствувавме како да сме на мост. Долу имавме две соби за живеење и подрум. За да имате претстава каква сила беше тоа, водата го однесе моторот за наводнување, а колку е тој тежок, раскажува Милица.
– Со сопругот се тешевме дека ништо нема да се случи, ќе преживееме, бевме оптимисти. Меѓутоа, кога ќе погледнев низ прозорец како да го гледав Дунав како доаѓа, тогаш оптимизмот ми исчезнуваше. Луѓето викаа, бараа помош, си помагаа еден на друг. Имавме среќа што имаме добра врата, па не влезе многу вода. Надвор беше се зелено, а одеднаш – тиња, кал. Ужас, вели Милица, која не сака воопшто да се сеќава на таа ноќ.
Откако поминала ноќта, сите соседи сабајлето излегле од домовите за да видат кој преживеал.
– За среќа немаше жртви. Но, најдоа труп, се присетува Милица.
– Жена од Стајковци биле на гости со сопругот кај сестра и во Трубарево. Да тргнале 15 минути подоцна, жената ќе се спасеше. Нив невремето ги фати на обиколница. Мажот излегол, се фатил за оградата на обиколницата и се спасил. Жената не можела да излезе, поплавата ја однесе во смрт, вели Блаже.
Павлови се задоволни од обесштетувањето и од помошта, која ја добиле.
Катастрофата која им се случила им се одразила на здравјето.
– Психични ни се одрази. Јас имам висок притисок, вели Милица.
„Да не се повтори”, беа нивните зборови кога го напуштивме нивниот дом.
Подолу на нивната улица ги сретнавме Верка и Миле Стојановски.
– Сами бевме со сопругот. Тој ја отвори вратата и падна. Едвај го кренав. Водата влегуваше од секаде, од прозорци, од врати. Се качивме на маса за да се спасиме. Нозете не можам уште да ги опоравам оти ми премрзнаа. Лани цело лето бев наоблечена, како уште да не можам да се стоплам. Сопругот доби дијабетес од стрес. Страшно беше. Од страв не знам ни како беше, не се ни сеќавам. Да не се повтори, ни вели тажно Верка Стојановска, чиј дом е еден од оние кај кои најмногу се забележува дека пред три години тука беснеела водена стихија. Се уште се гледаат жолти линии на ѕидовите од водата која ја потопила повеќе од еден метар нивната куќа.
Го напушивме Стајковци, а во глава ни одѕвонуваа нивните зборови: „Да не се повтори”.
Општина Гази Баба презема низа мерки да не се повтори катастрофата
Поради поплаките на луѓето дека и по три години се уште не можат да си ги средат домовите од поплавата, го контактиравме градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, кој е од Стајковци.
– Процената кој колку ќе биде обесштетен по поплавата која најмногу ги погоди Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Страчинци, Смилковци, Црешево и Арачиново во 2016 година ја вршеше Комисијата за проценка на штетата, податоци кои потоа одеа до Бирото за вештачење и по правило обесштетувањето треба да се врши без селекција. Средствата ги исплаќаше Министерството за финансии, што значи каква состојба воочиле тие на терен, така постапувале и немаме надлежност ние како Општина да даваме процени дали правилно се обесштетени граѓани од поплавите во 2016 година, вели Георгиевски, кој појаснува дека во тој период не бил градоначалник.
– Тогаш и до мене стигнуваа поплаки иако јас тогаш не ја водев Општина Гази Баба дека обесштетувањата не се вршат според правилата, туку напротив, селективно, но јас за жал, не можев да влијаат во тогашните одлуки. На таквите одлуки не можам да влијаам ниту сега, но затоа ги решавам проблемите на граѓаните колку што можам, според моите ингеренции како градоначалник, вели тој.
Борис Георгиевски, како жител на Стајковци, се сеќава дека уште првиот ден од поплавата бил деноноќно на терен и заедно со сите доброволци го дал својот максимум за неговите сограѓани за повторно да имаат нормални услови за живот.
– Општината во која станав градоначалник имаше голем број на наследени и нерешени проблеми. Дел од нив беа и голем број на несредени улици и патишта од поплавата кои откако застанав на чело на Општината, беа мојот приоритет и пристапив кон нивно санирање и асфалтирање, вели тој.
Георгиевски информира дека улицата 28 во Синѓелиќ, како една од најпогодените од водената стихија, е целосно реконструирана и била обновена водоводната и канализационата мрежа. Ја саниравме и улица 6 во Стајковци, а се работеше и на најпогодените улици во Инџиково. Познавајќи ги критичните точки, уште на стартот од мојот мандат, приоритет за санирање ми беа токму овие места, објаснува градоначалникот на Гази Баба.
Покрај улиците и патиштата, Општината целосно ги исчистила каналите за отпадни води во Страчинци и Виниче, како и речните канали во Страчинци, Виниче и Црешево кои беа уништени во поплавата.
– Општина Гази Баба веќе презема мерки за повеќе никогаш да не се повтори оваа трагедија. Заедно со Министерството за животна средина работиме на голем проект за изградба на нов одводен канал над северната заобиколница кои треба да ги прими водите од речните канали и суводолици кои доаѓаат од Скопска Црна Гора и да ги заштити населените места и земјоделски површини, истакна Георгиевски.
Тој информира дека е донесена одлука со која пределот на Скопска Црна Гора е заштитен и е забранета сеча на шумата.
– Ја усвоивме и применуваме Студијата за ерозија, која има за цел да превенира нова катастрофа, објаснува првиот човек на Гази Баба.
Општината и Градот Скопје, Владата преземаат мерки да не се повтори таква катастрофа. А, 6 август 2016 година, ќе остане во сеќавањата на скопјани како ден кога се случи една од најголемите катастрофи на градот.