М.В. од Добрејци, кој е во затвор под сомнение за убиството на Ристо Илјашев, дилерот на девизи од Струмица, е осомниечен и за убиството на исчезнатото лице кое беше пронајдено мртво, завчера во резевоар за гориво во водите на акумулацијата Турија кај Струмица.
Заменикот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу денеска изјави дека е утврден идентитетот на убиеното лице, кое беше пронајдено завчера во водите на Турија во резервор за гориво.
Според Нухиу, се чека официјалното соопштение од ДНК вештачењето за да се потврди дека М.В. е осомничен и за ова убиство, а полицијата го знаела и мотивот. Идентичен бил и начинот на убиство со тоа на Илјашев, кој беше пријавен за исчезнат на 07.05.2019, по што следеше истраг па М.В. беше уапсен еден месец подоцна. И новата жртва на убиецот била пријавена за исчезната, но во октомври лани. За убиството на Илјашев мотив биле парите, наводно 26.000 евра кои убиениот дента ги имал кај него, а кои не биле пронајдени.
Тоа остава сомнеж дека осомничениот можеби извршил и друго убиство и на идентичен начин се ослободил од труповите, па не е исклучено МВР да ги ангажира нуркачите од ЕСЗ да го пребаруваат вештачкото езеро во потрага по евентуално нови жртви.
Ако биде пронајдена нова жртва, тогаш ќе може М.В. да се окарактеризира како сериски убиец, иако во некои правни системи и два убиства извршени од исто лице во одреден период се сметаат за сериски.
Во Македонија досега се евидентирани три сериски убијци од кои првиот, охриѓанецот Лазе Радески убил четорица улични дилери на девизи од 1999 до 2008 година. Потоа полицијата ги уапси новинарот Владо Таневски од Кичево, осомничен за убиството на најмалку две жени, како и скопскиот „Расколников“, Виктор Карамарков осуден за убиство на четири скопјанки.