Рускиот ракетен систем С-400 не може да го загрози НАТО, изјави во Анкара турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Нема докази дека рускиот ракетен систем С-400 може да му наштети на НАТО или на авионот Ф-35“, рече Ердоган во говорот на ТВ Абертурк.Тој додаде дека набавката на С-400 за Турција е целосно комерцијален потег, додавајќи дека официјална Анкара предложила создавање на турско-американска комисија којашто ќе ја разгледа загриженоста на Вашингтон за ракетен систем С-400.
Ердоган додаде дека очекува САД да преземат „вистински чекори“.
„Се надевам дека претседателот Трамп ќе дејствува во вистинската насока и нема да дозволи нашите билатерални односи да станат заложници на С-400“, заклучи тој.
САД решија во јули годинава да ја исклучат Анкара од својата програма за борбени авиони Ф-35, односно да не ги испорачуваат во Турција поради набавката на рускиот ракетен систем С-400, кој ќе служи за „откривање на технолошки тајни“. НАТО одби да го вклучи турскиот С-400 во својот воздушен одбранбен систем.